Македонија
4. March 2021 - 16:32

Нова реконструкција седум години по убиството на матурантот Ангел

Тројца статисти по барање на судот денеска ги повторија движењата од трагичниот настан во 2014-та во кој со нож беше прободен матурантот Ангел Петковски. Реконструкцијата на убиството ја следеше обвинетиот Насер Ештрефи, а на трагичниот настан се потсети и таткото на Ангел.

„Поболно од ова нема. Тука го изгубив мојот син. На овие скали тука падна и го носев во раце до горе. Загубата за мене е преголема. Светот да ми го подарат не ми вреди колку мојот Ангел... тоа можам да го кажам, немам повеќе сила да зборувам“, низ солзи говореше Сашо Петковски.

Одбраната и обвинителството имале различни тврдења за местото каде се одвивала пресметката меѓу Ештрефи, починатиот Ангел и неговиот татко.

„Беа видени двете верзии, на одбраната и семејството на покојниот – судот е тој кој треба да одлучи која верзија е веродстојна и да поклони верба“, изјави Иванка Јакимовска, Адвокат на обвинетиот Насер Ештрефи.

Цели три часа статистите се обидуваа да ги доловат случувањата од трагичниот настан.. Учествуваше и таткото на починатиот матурант.

Реконструкцијата на убиството кое пред 7 години се случи овде кај пешачкиот мост на Вардар во Ѓорче е дел од повторената судска постапка за предметот откако тоа лани во септември го побара Врховниот суд.

Во претходното судење, Ештрефи беше осуден на 14 години затвор.