Македонија
23. February 2021 - 17:52

Нова пресуда за Монструм: Три доживотни казни затвор, роднините најавуваат протести

Обвинетите за убиството кај Смилковско, судот повторно ги прогласи за виновни. Доживотни казни затвор добија Агим Исмаиловиќ и двајцата побегнати на Косово, на 15 години осуден е Фејзи Азири, а Хаки Азири заработи девет години затвор. Ослободен од вина е Сами Љута -  не се докажало дека е поврзан со петкратното убиство.

Обвинетите кои во завршните зборови рекоа дека не се виновни, денеска во судница тврдеа дека знаат кој стои зад убиството. Доказите ги нудат до државниот и обвинителот за гонење организиран криминал.

Адвокатите се сомневаат дека изречените казни, биле по желба на обвинителката Фатиме Фетаи.

Незадоволни од пресудата, роднините на обвинетите најавиа протести. Велат дека тоа било еден вид војна.

Монструм се судеше по вторпат откако претходната пресуда во која сите обвинети беа осудени на доживотен затвор ја укина Врховниот суд. Во меѓувреме предметот го зема поранешното СЈО. Како дополнителни докази беа понудени и нелегално прислушувани разговори за кои Заев тврдеше дека ќе ја откријат вистината за случајот. Откако беа презентирани во судница, Обвинителството оцени дека т.н бомби не откриле нови детали за случајот.

Убиството кај Смилковско се случи во 2012-та пред Велигден. Беа убиени четири момчиња и 45 годишен рибар.

Правосилната пресуда, обвинетите ќе ја чекаат во притвор.