Македонија
19. December 2018 - 13:58

Нова опрема за хируршки интервенции и апарати за анестезија на Клиниката за уво нос и грло

Два современи анестезиолошки апаратa со два хемодинамски мониторa, еден фибер оптички ринофаринголарингоскоп, три видеоендоскопа со монитор, посебни ножеви за ултразвук, како и едноскопскиот стол, набави Клиниката за уво, нос и грло. Новата опрема чини 130.000 евра.

По тој повод, министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети Клиниката, по што на прес-конференција рече дека со новата опрема ќе почнат да се изведуваат методи кои досега не се правеле во таа јавна здравствена установа, а ќе се олесни многу изведувањето на методите кои досега се изведувале.

– Станува збор за минимални инвазивни методи посебно во сферата на хирургијата на синуси која зема се поголем замав и е тренд во сите развиени центри во светот. Понатаму се подобри и анестезилошката служба во смисла на тоа што сега има посебен тип апарат кој ја мери длабочината на анестезијата и посебен тип на еден сет за интубација. Тука со години наназад работи врвен експертски тим кој има огромно искуство во сферата на патологијата на уво, нос и грло. Се истакнуваат со организирање бројни симпозиуми и курсеви што дава тежина на нашиот центар во однос на целиот регион, рече Филипче.

Директорот на Универзитетската Клиника за уво, нос и грло, Јане Нетковски истакна дека Клиниката претставува единствен и референтен центар во државата кој изведува фибер оптички интубации, а од сега со новата опрема отпочнале и со т.н.видео ларингоскопски интубации. Посочи дека организирале неколку работилници со цел специјалисти, специјализанти и општи лекари да бидат обучувани во овој тип современа интубација. Новина е, потенцира, воведувањето нова метода, а тоа е третман на пациентите кои имаат потешкотии со опструктивна ноќна апнеа која е релативно честа посебно кај популацијата над 50-тата година од животот, така што отпочнавме со реализација на ултразвучна увулопалатопластика за првпат во нашата држава која им помага на овие пациенти.

– Ултразвучниот нож го користиме неколку години во третман на вадење крајници. Но, со набавката на посебен дел кој се додава на ултразвучниот нож отпочнавме и овој тип интервенции за решавање на проблемот со опструктивна ноќна апнеа. После 15 години се случува ваква голема набавка на опрема на Клиниката, рече Нетковски.

Одговарајќи на новинарско прашање посочи дека за операција се чека од две недели до два до три месеци, а годишно се извршуваат 2.000 операции.

Тој рече им недостига систем за навигација, ласер, перфузори, ригидни ендоскопи. Министерот Филипче појасни дека еден од приоритетите за 2019 година ќе биде системот за навигација заради тоа што тоа е опрема која значително ќе го подигне квалитетот на услугата.

– Тоа е систем со кој прецизно се води инструментот со кој се работи односно системот за ендоскопија низ просторот на параназалните синуси, додаде Филипче.