Македонија
21. јуни 2019 - 16:26

Нова надеж за изградба на Чебрен, тендер до крајот на годината

Повторно се актуелизира безвременскиот проект Чебрен. Владата со помош на меѓународната финансиска корпорација ИФЦ ќе прави нова студија за хидроцентралата на Црна река со што ќе се дополнат веќе добиените информации. Студијата треба да биде готова до крајот на октомври, а тендерот за влез на странски партнер ќе биде објавен на крајот на годината. Ако конечно тендерот биде успешен, Чебрен ќе почне да се гради следната година. Власта очекува дека овој пат проектот ќе биде успешен.

За студијата Владата нема да троши пари, сметката ќе ја покрие ИФЦ.

Според првиот човек на регулаторната комисија, доколку проектот биде успешен ќе се намали количината на електрична енергија која се увезува. Но, се уште е рано да се зборува како Чебрен би влијаела на цената на струјата.

Целокупниот проект ќе чини околу половина милијарда евра. Ќе го гради ЕЛЕМ со јавно-приватно партнерство. Иако првичната замисла беше на Црна река да се гради и Галиште, Владата одлучи да се направи само Чебрен. Досега за проектот пропаднаа 11 тендери.