Македонија
27. April 2016 - 16:43

Нова метода во телемедицината во Охрид

Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија првпат воведува метода т.н. „телемедицина“ која предвидува разултатите и наодите добиени со анализите извршени во одредени установи да бидат читани и толкувани од страна на експертите во Институтот.

Ова денеска во Охрид го истакна директорот на Институтот за трансфузиона медициина, Емилија Велкова.

Таа појасни дека методата во прво време ќе се разработува со две медицински установи и тоа со Специјалната болница за гинекологија и акуштерство „Чаир“ во Скопје, како и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид.

- Со оваа метода резултатите добиени во овие установи ќе може да се толкуваат во било кој град во земјата, а за евентуални нејаснотии ќе може да се консултираат експерти од областа во Институтот во Скопје. Тоа значи дека пациентите ќе бидат постојано покриени со експертско мислење за сите прашања од областа на трансфузионата медицина, потребите од крв и крвните продукти, изјави Велкова.

Директорот на Специјалната болница „Свети Еразмо“, Митко Тилев изјави дека со новата метода уште повеќе ќе се подобри соработката со Институтот за трансфузиона медицина, пред се во брзината на услугите што тој ги дава за потребите на таа јавна здравствена установа од крвни продукти во секојдневниот третман на пациентите.

- Ние сме ургентен центар и хируршка болница, така што нашите потреби од крв и крвни продукти се постојано големи. Нашите операции се поспецифични и оттаму потребите од такви продукти се зголемени, рече Тилев.

Статистиката покажува дека просечно годишно во „Свети Еразмо“ се вршат од 1.800 до 2.000 оперативни зафати.

Инаку, во напредна фаза е реконтрукцијата на Специјалната болница „Св. Еразмо“ и се очекува за неколку седмици во употреба да биде пуштен во употреба и дијагностичкиот центар, со 64-слајсен компјутерски томограф и дигиталниот рентген-апарат, што за Тилев е приоритет во овој миг.

Останатиот дел од болницата се очекува да биде целосно предаден во употреба во април идната година.