Македонија
23. September 2018 - 8:37

Нова група американски волонтери пристигнува во Македонија

Нова група од 55 американски граѓани во Македонија кои ќе работат како волонтери во Мировниот корпус ќе пристигне денеска во земјава. Тие ќе ги споделат своето знаење и своето искуство волонтирајќи во училишта и организации во Македонија. 

Волонтерите ќе бидат пречекани на аеродромот од страна на директорот на Мировниот корпус во Македонија, Марк Ханафин.

Тие за време на нивниот двегодишен престој во Македонија ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, дефектолози во дневните центри за лица со посебни потреби, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации и општини.

Мировниот корпус е американска владина организација и ги реализира своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа и со Министерството за труд и социјална политика.

Ова е 23-та група волонтери кои ќе живеат и работат во градови и села низ Македонија. Во текот на првите три месеци, волонтерите ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе се запознаат со македонската култура. Својата служба во Македонија ќе ја почнат во декември.

Досега над 750 американски државјани волонтирале во Македонија од 1996 година.