Балкан
19. September 2019 - 11:17

Нова демократија предлага прелиминарна истрага за поранешниот алтернативен министер за правда за интервенција во случајот Новартис

Пратеничката група на Нова демократија ќе предложи формирање специјална парламентарна комисија за спроведување прелиминарна истрага за поранешниот алтернативен министер за правда на Грција, Димитрис Папангелопулос за негова наводна интервенција во случајот Новартис, но не и за поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, jави дописничката на МИА од Атина.

Секретарот на пратеничката група на Нова демократија, Ставрос Калафатис рече дека „како што беше очекувано, она што некои го сметаа како најголем скандал од формирањето на грчката држава, сега пропаѓа“ и додаде дека е време „креаторите на овој мрачен случај да дадат објаснувања“.

– Од едноставно читање на податоците од предметот, произлегува дека постојат јасни знаци за нелојални интервенции на господинот Димитрис Папагелопулос во судството, објаснува Калафатис.

Генералниот секретар на владејачката Нова демократија, објасни дека согласно постоечките податоци од предметот, нема да побараат прелиминарна истрага и за поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.

– Станува збор за свесен избор на одговорна политичка партија, според која не можат да им се припишуваат обвинувања на поранешни премиери, освен ако не постојат неоспорливи докази. Во спротивно, се труе политичкиот живот на земјата, рече Калафатис.

Предлогот на Нова демократија за формирање специјална парламентарна комисија која ќе спроведе прелиминарна истрага за поранешниот алтернативен министер за правда на Грција, Димитрис Папангелопулос, ќе се разгледа на пленарна седница, веројатно по враќањето на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Њујорк, кој в недела заминува на Генералното собрание на ОН.

По обвинувањата на политичари и судии дека случајот со фармацевтската компанија Новартис е наместен, обвинителството на Врховниот суд на Грција, спроведе истрага, состави предмет и случајот го достави до Парламентот, каде што вчера беше соопштен пред пратениците, а се однесува на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и поранешниот алтернативен министер за правда на Грција, Димитрис Папангелопулос, согласно Уставот и законот за „Кривична одговорност на министрите“

Поранешниот алтернативен министер за правда од владата на СИРИЗА, за кој ќе се отвори истрага, минатата година во изјава за медиумите случајот со фармацевтската компанија „Новартис“ го оцени како еден од најголемите скандали во Грција.

Тогаш, осомничени за вмешаност и корупција беа поранешни министри и премиери на Грција, а за дел од нив, предметите веќе се затворени.