Македонија
3. July 2019 - 16:27

Нова демократија ќе бара редефинирање на Преспанскиот договор

Прашањата за јазикот, националноста, државјанството кои се затворени со преспанскиот договор, Грција ќе се обиде да ги подобри во своја корист.

Ова во интервју за грчката државна телевизија го најави пратеникот од Нова демократија, Никос Дендиас чие име се споменува како можен иден министер за надворешни работи..

Објасни дека нема да се бара ревизија на договорот туку во преговори со „другата“ страна да се постигнат промени во одредби на документот од Преспа. Дендиас се закани дека за остварување на целта, Грција ќе ги употреби преговорите на Македонија за влез во ЕУ.

„Постојат прашања за јазикот и за националноста или државјанството, како сакате наречете ги. Овие работи треба да се обидеме да ги подобриме. За ова, бидејќи како оружје ги имаме преговорите со Европската унија, ќе направиме обиди, но тоа не значи дека 100% ќе успеат“, изјави Никос Дендиас, Пратеник од Нова демократија.

Дендиас појасни дека во Нова демократија к нема пратени кој би поддржал поместување граници на Балканот, посочувајќи ја земјава.

„Скопјаните треба да разберат една работа. Единствени во регионот што имаат интерес од нивното постоење и ќе се стремат да постојат како држава, сме ние Грците. Сите други или сакаат да ги апсорбираат или да ги распаднат или да им создадат проблеми. Голема Албанија вклучува еден дел од Скопје“, вели Дендиас.

Пратеникот на Нова демократија смета дека со Преспанскиот договор се затворени историските прашања посочувајќи го членот со кој земјава се изјаснила дека македонскиот јазик, историја и култура не се поврзани со грчиот регион Македонија..