Македонија
26. јуни 2020 - 16:52

Нова „бомба“ на јутјуб – Разговор на Мицкоски и Кичеец за средба со Камчев додека бил под ПИ мерки

Нова аудиоснимка, која е продолжение на веќе објавени делови од разговор меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец, осамна денеска на Јутјуб. Снимката објавена на канал насловен како „Рекет“ и илустриран со чанта ‘луј витон’ упатува на тоа дека претседателот на опозициската партија се сретнал со бизнисменот Орце Камчев.

„Мене ме имаат сликано таму како влегувам. Под ПИ-мерки кога беше тој и мене ме имаат сликано“,вели Мицкоски, по што дообјаснува дека бил во автомобил и дека го сликале во возилото кога влегува.

Но опозициската партија демантира дека се работело за средба на Мицкоски и Камчев. Од партијата оваа нова бомба ја поврзуваат со вчерашното сведочење на Бојан Јовановски во јавното обвинителство.

„Што ли толку впечатливо кажал Бојан Јовановски во новиот исказ пред обвинителството за да толку власта се засегне, и за едно обично одење во болница толку панично реагира“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред околу 1 месец беа објавени 4 аудио разговори од средба на Мицкоски и Милевски. Мицкоски ја потврди автентичноста но потенцираше дека снимките не го инкриминираат. Тема на состанокот биле претседателските избори во 2019та а Милевски сеуште не бил осомничен во случајот „Рекет“.