Балкан
6. July 2020 - 13:24

Нов старт за дијалогот Белград Приштина на 12 јули

Европската Комисија потврди дека на 12 јули ќе се одржи првата рунда од Дијалогот Белград Приштина од неговото замрзнување во ноември 2018, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова го потврди Петер Стано, портпаролот на Високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Јосеп Борел, на денешниот редовен брифинг на Европската Комисија.

Средбата ќе се одржи в недела во Брисел помеѓу косовскиот премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател, Александар Вучиќ, под покровителство на Борел и во присуство на Мирослав Лајчак, олеснувач на процесот и нов специјален претставник на ЕУ за западниот Балкан.

-Оваа средба ќе ги рестартира дискусиите за постигнување на сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализацијата на односите помеѓу Белград и Приштина, изјави Стано.

Средбата ќе се одржи два дена по виртуелниот самит помеѓу Србија, Косово, Германија и Франција, закажан од страна на Ангела Меркел и Емануел Макрон на 10 јули.