Македонија
8. July 2021 - 19:40

Нов состанок на Комисијата за заразни болести за нови мерки како одговор на Делта сојот

Негативен ПЦР тест или доказ за вакцинација за влез во Македонија. Утре или до крајот на неделата за ова ќе расправа Комисијата за заразни болести на чиј состанок на дневен ред ќе биде и евентуален карантин за доаѓање од ризични земји. Иако изминатите денови поради ширењето на индиската мутација ова го предлагаат и епидемиолози и лекари, сепак, некои од членовите на Комисијата неофицијално велат дека нема логика од вакви рестриктикции кои нема да го спречат делта сојот. Министерот за здравство вели засега нема најава за вакви мерки а според Филипче треба да го следиме и искуството од други земји. 

-Ќе разговараме за тоа дали треба да се препорача нешто околу критериумите за влез на границите иако гледаме дека во многу земји во регионот покрај тоа што имаат рестриктивни мерки, како на пример Грција, има зголемување на случаите. После ова може ќе се јави некој нова мутација па трета но ние мора да живеем. Еве Британија целосно ги разлабабвува мерките, вели Венко Филипче, министер за здравство.

И додека во други земји бројат по стотици новозаразени дневно со индиската мутација, во Македонија денес нема нови случаи. Вкупната бројка на дијагностицирани досега е 10 од кои четворица беа потврдени вчера. Тие се роднинско поврзани и едниот од нив е во тешка здравствена состојба. Сите случаи на делта сојот во земјата се увезени а лицата не примиле ниту една доза на вакцина.

Министерот Филипче уверува дека епидемолошката состојба е стабилна, нема голем број на прегледи во амбулантите ниту хоспитализирани во болниците.