Бизнис
18. April 2018 - 19:44

Нов софтвер ќе ги распределува дозволите и лиценците за транспорт, стариот бил неефикасен

Министерството за транспорт ќе го менува софтверот за издавање на дозволи и лиценци за домашен и меѓународен превоз. Транспортерите најверојатно од следната година ќе може да аплицираат преку нов електронски систем. Истиот ќе биде сличен на сегашниот но од министерството уверуваат дека ќе биде поефикасен. Сугарески смета дека новото решение ќе го олесни пристапот на крајните корисници.

Софтверското решение ќе ги опфаќа сите фази од постапката од електронското аплицирање во патничкиот линиски превоз како и транспортот на стока предвидени со Законот за превоз во патничкиот сообраќај,  управување на постапките за одобрување решенија па се до издавање на лиценците и дозволите.

Изработката на новиот софтвер ќе обезбеди интероперабилност што ќе овозможи електронска размена на податоци меѓу институциите вклучени во постапките, а од друга страна ќе го олесни и пристапот на крајните корисници до транспортните услуги.

Фирмата која ќе го изработи софтверското решение ќе добие 80 000 евра од Фондот за иновации. Може да аплицираат сите микро мали и средни претпријатија од ИТ секторот кои имаат иновативни идеи.

Пријавувањето трае до 20 мај. Компанијата ќе има 9 месеци да го изработи софтверот.