Македонија
16. February 2020 - 16:41

Нов скандалозен конкурс на министерството за култура,ВМРО-ДПМНЕ: Наместо култура, министерството финансира политика

Дали и годинава има нова скандалозна распределба на парите предвидени во годишната програма на Министерството за култура? Откако во петокот беше објавена листата на проекти што ќе добијат финансиска помош, почнаа и реакциите во јавноста.

Вкупно околу 6,5 милиони евра Министерството распредели за различни проекти од национален интерес во културата. Кај издавачката дејност има наслови како “Прехранбена микробиологија” или “Партискиот систем на Северна Македонија”, проекти што според Култура се од национален интерес.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека програмата била скроена според политички интереси, наместо за развој на културата.

“Повторно без критериуми и преку параван на наклонети членови на комисии, доделени се скандалозни износи на средства на здруженија и на поединци кои се блиски на власта. Со годишната програма за култура наместо културата се поддржува политиката, два аспекти кои немаат никаква допирна точка. Така на пример книгата „Партискиот систем на Северна Македонија“ од Ѓорѓи Спасов е поддржана со 90.000 денари. Да потсетиме Ѓорѓи Спасов е долгогодишен партиски функционер на СДСМ”, вели Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ.

По 1.500 евра ќе добијат пратеникот Зеќир Рамчиловиќ за неговата книга “Долно Коњари низ слика и време”, како и поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин за организација на настанот “Современа иконографија”.
Пари има и за книгата “Албанците од Северна Македонија (Источна Албанија) во борба за национална независност”, чиј автор е Веби Џемаили, професор по историја на Тетовскиот Универзитет.

Дел од експертите на социјалните мрежи реагираа дека над 40% од прифатените книги во Годишната програма за издавачка дејност се на албански јазик.
Од ресорното Министерство, пак, тврдат дека пристигнале над 4.000 апликации, а предност им дале на поквалитетните проекти.

“Откако се утврдуваше дека Пријавата (предлог проектот) ги исполнува сите критериуми, односно има целосна задолжителна документација, при евалуација, преност му се даваа на проекти со квалитетна содржина (опфатени поголем број на приоритети од конкурсот) и професионално капацитети за реализацијата на истата. Приоритетите произлегуваат од националната стратегија за култура и годишниот план на Министерството за култура”, одговорија оттаму.
Рокот за жалба против решенијата е 15 дена.