Македонија
9. July 2020 - 16:31

Нов скандал со порнографски содржини со девојки на социјалните мрежи, центарот во гевгелиско

Порнографски видеа и фотографии на кои се гледаат ликовите на одредени  девојки последните неколку денови масовно се споделуваат во гевгелиско. Според шпекулациите кои кружат низ Гевгелија,  на видео клиповите со експлицитна содржина се снимени девојки од Гевгелија и Богданци. Материјалите се споделуваат преку приватни пораки на  социјалните мрежи како што се фејсбук и вибер. Според претпоставките,  се работи за приватни снимки кои девојките,  најверојатно им ги праќале на нивните партнери, но за сега не е познато како овие материјали стасале во јавноста, ниту пак е познато кој и со каков мотив ги пуштил истите.   За сега,  нема информација ниту за тоа дали сите материјали се објавени од едно или повеќе различни лица.

Дека постои таков случај потврдија и од полицијата. До нив во текот на вчерашниот и денешниот ден  веќе биле поднесени две пријави од една 29 годишна и една 24 годишна жена од Гевгелија. И двете пријавиле дека нивни интимни материјали без дозвола се споделуваат на социјалните мрежи.

 „На 08.07.2020 во 10.00 часот во Одделението за внатрешни работи Гевгелија, 29-годишна жена од Гевгелија пријавила дека на социјални мрежи се препраќани нејзини интимни фотографии, кои таа пред околу 4 години му ги пратила на лице од Гевгелија, со кого тогаш била во љубовна врска. На 09.07.2020 во 10.00 часот, 24-годишна жена од Гевгелија, исто така, пријавила дека на социјални мрежи без нејзина дозвола се споделувало видео со интимна содржина на кое се гледала пријавителката, а било снимено со мобилниот телефон на лице со кого пријавителката порано била во врска“, стои во писменото известување од СВР Струмица.

Од таму информираат дека полицијата презема мерки за расчистување и на двата случаи.

За ова е запознаено и јавното обвинителство. Од таму информираа дека тие се во корелација со министерството и ја следат постапката со насоки за понатамошно постапување.