Македонија
3. October 2023 - 16:42

Нов протест за училиштето во Јурумлери, општината нуди решение

Откако министерот за образование Јетон Шаќири, даде ултиматум дека ќе и ги одземе ингеренциите на општина Гази Баба ако не најде решение каде да ги смести 13-те албански ученици од О.О.У Његош во Јурумлери, родителите на учениците кои следат настава на македонски јазик застанаа позади градоначалникот на Гази Баба. Велат доколку ингеренциите бидат одземени, наставата ќе ја бојкотираат не само во О.О.У Његош, туку во сите училишта на територија на општина Гази Баба. 

За утре најавуваат масовен протест пред училиштето, бидејќи според нив нема просторни капацитети за да се отвори нова паралелка на албански јазик од 6то до 9то одделение.

- На повик на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, изминатата недела во просториите на општина Гази Баба имавме средба со Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на која ги соопштивме нашите барања директно и лично на министерот. За жал, минуваат деновите но нема никаков слух и реакција од страна на министерот Шаќири. Нашата порака до министерот е: Одземањето на ингеренциите на општината ќе донесе бојкот на наставата во сите основни училишта на територија на Гази Баба, велат од иницијативата на родители.

И опшина Гази Баба стои на својот став- дека во училиштето нема услови за воведување нова паралелка.

- Решение за овој проблем е изградба на ново училиште, за кое веќе имаат пратено допис до Владата уште во август. Во меѓувреме на овие 13 ученици им е платен организиран превоз до селото Огњанци, за да го остварат своето право на образование на мајчин јазик, вели градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски за Сител.

- Општина Гази Баба стои на ставот дека е потребно изнаоѓање на трајно решение за сите ученици од населено место Идризиво. Ова трајно решение се состои во изградба на ново училиште за кое како локална самоуправа имаме посочено локација во писмен допис до Владата уште пред цели два месеци. Жалам што наместо кон решавање на проблемот министерот за образование дискусијата ја води кон создавање на нови проблеми, вели градоначалникот Стефковски. 

Просветниот инспекторат при инспекциите во училиштето утврди дека има простор за нова паралелка, на што родителите и градоначалникот не се согласуваат. Родителите на учениците кои следат настава на македонски јазик веќе 10 дена ја бојкотираат наставата, претходно бојкот имаше и од родителите чии деца учат на албански јазик.