Балкан
1. December 2017 - 22:32

Нов протест пред зградата на романската Влада

Неколку стотици лица вечерва протестираат на плоштадот пред зградата на романската Влада, незадоволни од одлуката на градските власти за отворање на божиќен базар токму на тој плоштад, кој од почетокот на годината стана традиционално место за протестни собири.

Градското собрание на Букурешт соопшти дека во периодот од 5 до 17 декември ќе организира празничен панаѓур на Плоштадот на победата. Законот за јавни собири не дозволува две манифестации да се одржат на истото место.

Демонстрантите, кои се организираат преку Фејсбук, изјавија дека не се откажуваат од протестите и веднаш свикаа митинг за денеска на националниот празник. Околу 300 луѓе се собраа пред зградата на владата.

- Ако (градоначалничката на Букурешт) г-ѓа Фирја мисли дека доколку го затвори плоштадот ќе не одврати од протестите, се лаже, предупреди еден од демонстрантите. - Ќе излеземе на улица, колку што е потребно, рече тој.

Собраните извикуваа „Фирја, не заборавај, ова не е твој плоштад" и „ПСД - црвена чума".

Клаус Јоханис

Во исот време, на приемот во претседателската палата Котрочени по повод националниот празник, романскиот претседател Клаус Јоханис повторно ја нападна Владата.

Јоханис изјави дека од страв од правда и од правната држава, некои луѓе измислуваат сценарија за паралелни држави, сценарија, кои не се од корист за иднината на земјата.

Владејачката Социјалдемократска партија (ПСД) минатиот месец усвои резолуција во која се наведува дека во земјата дејствува „паралелна нелегална држава", која „се обидува да ја преземе политичката власт".

Јоханис изјави дека во Романија е созреано времето, кога треба да одлучи дали да продолжи по патот по кој оди во последните 10 години, од пристапувањето кон ЕУ или ќе се врати назад во минатото.

Според претседателот, постојат политичари кои сакаат да ја држат Романија како заложник на минатото. Шефот на државата обвини дел од политичката елита, за користење на моќта за партиски интереси.

Романскиот претседател, исто така, зборуваше за граѓанското општество кое, според него, достигнало зрелост, што се покажало со мобилизацијата на уличните протести во 2017 година.

Граѓанското општество, кое ги казнува потфрлањата на политичарите, е голема придобивка оваа година, рече Јоханис во својот говор по повод националниот празник на Романија.