Бизнис
15. April 2019 - 16:32

Нов протест на вработените во Еурокомпозит

Поранешните вработени во „Еурокомпозит“ повторно излегоа на протест. Обвинуваат дека вицепремиерот Анѓушев и покрај ветувањето дадено во Прилеп на 30 март дека ќе се сретне повторно со нив да се договорат не го исполнил истото. Се жалат дека Владата 2 години ги лажела и манипулирала со нив.

„Ароганцијата на оваа Влада се виде на дело. На состанокот не гледаа во очи и не лажат. Ни делуваа како раштиман оркестар. Вицепремиерот нуди отпремнина, 3 плати и 20 % од придонесите да ни плати до 24 април, а директорот тогаш велии дека за 10 дена јас ќе платам отпремниина и делуваа како раштиман оркестар“, изјави Борко Томески, поранешен вработен во „Еурокомпозит“.

На последната средба Анѓушев најави 2 решенија за оваа државна компанија. Едното било да се реализираат некои договори, за кои не кажа ништо подетално, со кои Еурокомпозит ќе се санирал во постојната состојба, а доколку не се реализирало тоа да се оди со активен стечај и влез на инвеститор за кој најави дека веќе бил најден. Но екс вработените не ги прифатија понудените решенија затоа што им било ветено, откако ќе се продаде компанијата, да добијат целосна исплата на отпремнината, последните 3 заостанати плати, 50 % од другите заостанати плати и само 20% од придонесите кои не им се платени од 2012 година.

„Јавно да кажат дали имаат намера да го решат проблемот и да не не малтретираат повеќе. Веќе 2 години сме по улици, не сме ние деца“, истакна Пеце Вељаноски, поранешен вработен во „Еурокомпозит“.

„Сега пак се договоривме да одиме Скопје на протест и ја велам дури да се реши проблемот да не си одиме од таму“, рече Жарко Талески, поранешен вработен во „Еурокомпозит“.

Еурокомпозитовци побараа заедничка средба со пратениците од Прилеп и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ кој заедно би лобирале за донесување посебен закон за решавање на случајот со оваа фабрика.