Македонија
27. January 2018 - 16:33

Нов пожар остави 8-члено семејство без покрив над главата - во пожарот нема повредени

Пожар пеплоса семејна куќа во Лисиче.  Нема повредени меѓу 8 членото семејство кое од синоќа остана без покрив над главата. Лицата веднаш излегле надвор кога го забележале пожарот, кој избувнал на  таванот. Неофицијално причината е неисправна електрична инсталација. Пламените јазици се ширеа со голема брзина и  зафатија дел од кровот на соседната куќа. Соседите вознемирени велат слушнале силно пукање по што веднаш излегле надвор. Дел од нив гласно ги критикуваа пожарникарите сметајќи дека не биле доволно организирани.

Повеќе од 2 часа пожарникарите се бореа со огнот во куќите на ул. Михаил Глинка во близина на Трговскиот во населба Лисиче. Опожарени 165 м2  од куќата во сопственост на 59 годишен скопјанец кој живеел заедно со своите деца и внуци. Противпожарните екипи за цело време го гаснеа пожарот под напон на струја, бидејќи доцнеа екипите на ЕВН. Тие ја исклучија струјата откако  пожарот беше речиси целосно  изгаснат.

Ова е втор голем пожар за два дена во која горат семејни куќи. Пред два дена во Тетово настрадаа мајка и 4 деца во пожарот кој ја зафати собата во која спиеле. Неофицијално причината е неисправна електрична инсталација или печката за греење. Вчеравечер скопската  бригада  гаснеше пожари на повеќе локации во градот.  Во просек вели командирот,  изминатиов период интервенираат на 4 пожари дневно.