Македонија
23. October 2018 - 16:06

Нов повик за помирување - власта и опозицијата со одвоени прослави за Денот на револуционерната борба

Помирување и национално обеднување во името на евро-атланските интеграции.  Иницајативата на власта по почетокот на уставните измени стана стана главна порака на денешното чествување на 23 Октомври – Денот на револуционерната борба.  Пораките од револуционерите денеска се користат како поттик за понтамошни чекори на политичката сцена.

„Храброста на дејците на македонската револуционерна борба, на кои денес им се поклонуваме и ги чествуваме, е мотивот кој не води секој ден на патот Република Македонија да ја исправиме пред светот како достоинствена во нејзиното единство и во остварувањето на државните цели. Учиме од историјата – чекориме силно и храбро кон иднината.  Пруживме рака за помирување со сите наши соседи. Да си пружиме рака и дома како вредност која е одлика на големи народи и нации“, напиша премиерот Заев во честитката за 23 Октомври.

Тој повикува да се чекори цврсто и одучно кон европското семејство затоа што изолацијата не носи ништо добро.

Порака за помирување, стигна и од потпретседателката на парламентот која ја предводеше од собраниската делегација пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје.

Претседателот Иванов во својата честитка пак, вели дека народот во сите одлучувачки моменти носел мудра одлука и потсетува на резултатите од референдумот на 30 септември велејќи дека народот ги отфрлил наметнатите решенија и договорот од Преспа.  Според него, Собранието морало тоа да го земе предвид, но мнозинството народни избраници постапиле спротивно на волјата на народот.

„Народот секогаш ги слави храбрите, а историјата ги презира страшливите и поткупливите. Без почит кон минатото, без свој идентитет и самосвест ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, тука, во Република Македонија“,  напиша Иванов во честитката.

Честитка за празникот стигна и од собранискиот спикер Талат Џафери за кого овој празник е потсетник дека секој ден е борба за подобар живот. Свежо цвеќе пред Гоце Делчев положија и американскиот амбсадор Џес Бејли, претставници од Мисијата на ОБСЕ, Амбасадата на руската федерација, бугарската амбасада и повеќе граѓански здруженија.