Македонија
21. September 2018 - 14:40

Нов парк во општина Чаир

 Зазеленувањето останува на врвот на листата на приоритети на Град Скопје. Го реконструиравме паркот на улица „Дижонска“ во вкупна површина од 5.860 метри квадратни. Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој заедно со директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча беа во новиот парк во општина Чаир.

- Реконструкцијата опфати хортикултурно уредување на јавната зелена површина, отстранување на шутот и подигање нов тревник. Се постави и нова хидрантска мрежа со систем за полевање со прскалки, каде беа поставени поп-ап прскалки, изјави Шилегов.

Тој додаде дека симболично паркот го пуштаат во употреба на Светскиот ден на мирот со цел да ги поттикнат европските вредности за зачувување на животната средина.

- Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае на здравјето на сите сегашни и идни генерации. Чаир е општина со најголема густина на население, најмалку неискористени простори, општина која од претходните власти добивала најмалку внимание. Чаир е една од општините во градот со најмалку зеленило под ингеренција на Градот. Еднакво внимание укажуваме за развој на двете страни на Вардар, порача Шилегов.

Градските власти и општина Чаир изработија и план за создавање мрежа на велосипедски патеки на територијата на Чаир. Како прва етапа за нивната реализација е велосипедската патека на улицата „Втора македонска бригада“.

Град Скопје изготвува проектна документација за други капитални инвестиции во оваа општина, како што се проширување на булеварот „Босна и Херцеговина“ и изградбата на тунел кој ќе овозможи растоварување на целиот сообраќај кој минува преку Бит-пазар, а особено метежот на крстосницата кај Судска палата, каде е проценето дека дневно поминуваат и над 86.000 возила.

Ново на Сител