Бизнис
6. September 2018 - 11:20

Нов оглас за закуп на 834 хектари државно земјоделско земјиште

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) објави нов јавен оглас за давање под закуп на државно земјоделско земјиште до три хектари со кој се нудат над 834 хектари во Битола, Велес, Македонски Брод, Гевгелија, Демир Хисар, Крива Паланка, Кратово, Струмица, Пробиштип и Тетово. 

Почетната цена по хектар за површини до три хектари изнесува 25 евра во денарска противвредност за земјоделско земјиште од I до IV катастарска класа и 15 евра во денарска против вредност за земјоделско земјиште од V до VIII катастарска класа, по среден курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата. Доколку земјоделското земјиште се наоѓа во планински подрачја, почетната цена за земјиштето од I до IV катастарска класа изнесува 15, а за земјиште од V до VIII класа изнесува пет евра во денарска противвредност, по среден курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата.

- Земјоделското земјиште во државна сопственост кое се дава во закуп со овој јавен оглас е со намена за подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години,  подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигање на маслинарници за период до 50 години, одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години, рибници до 20 години и спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години, соопшти МЗШВ.

Право на учество на јавниот оглас имаат сите домашни физички и правни лица, како и странски правни лица, кои немаат склучено важечки договор за закуп на државно земјиште со МЗШВ.

Понудите и документацијата треба да се достават до 04.10.2018 година, а јавното отворање ќе се одржи 09.10.2018 година во големата сала за состаноци во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со почеток од 10 часот.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во изминатиот период преку четири активни мерки понуди над 4.380 хектари државно земјоделско земјиште под закуп. Роковите за аплицирање на дел од овие јавни огласи се завршени и понудите се обработуваат. Единствено јавниот оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари со кои се доделуваат над 1.090 хектари во Гази Баба, Делчево, Карпош, Кисела Вода, Кочани, Охрид, Прилеп, Струга и Струмица, трае до 11-ти овој месец.

Од МЗШВ ги потсетуваат сите заинтересирани, да внимаваат на критериумите и комплетноста на документацијата, и да ги запазат роковите за да може навреме да се склучат договорите.

- Крајната цел на МЗШВ, е вистинска и неселективна распределба на државното земјоделско земјиште, што ќе значи зголемени обработливи површини и зголемено производство на квалитетни, конкурентни и безбедни земјоделски производи, велат од Министерството