Македонија
25. January 2017 - 16:31

Нов лек за болните од рак на лимфни жлезди

За прв пат во државата нов лек за пациенти со рак на лимфните жлезди. Неопходен е за болни кај кои не помага стандардниот третман и за оние кај кои болеста се враќа и по направена трансплантација. Досега лекарите ги праќаа на лекување во странство. Клиниката за Хематологија е во фаза на набавка на терапијата со условениот буџет што го доби од Фондот за здравство.

- Клиниката за Хематологија за оваа година има зголемен буџет за 28 милиони денари повеќе од 2016 година, односно, има повеќе пари кои ги дававме за лекување на овие пациенти во странство. Сега ќе ги набавува клиниката и сигурно ќе бидат поефтини, што значи парите кои ќе им останат ќе ги искористат за други новини, вели Сашо Стефановски, директор на ФЗОМ

Пациенти со хочкинсова болест наскоро неоходниот лек ќе го добиваат на Хематологија. Министерот Никола Тодоров најави дека со оваа пракса ќе продолжат и на други клиники.

- Покрај инвестициите во здравствениот сектор со реконструкција и набавка на опрема, продолжуваме со набавка на нови лекови кои досега ги немало до државата. ова го направивме во соработка со ФЗОМ и МАЛМЕД по бројни состаноци, вели Никола Тодоров министер за здравство.

Хематолозите велат дека од година во година ракот на лимфните жлезди има тренд на зголемување. Големо олеснување за нив е што нова и современа терапија ќе им биде достапна и на македонските пациенти.

- Овој лек помага за уништување на клетките на ракот и тоа кај оние кај кои има ремисија, односно болеста се враќа, вели проф.др Лидија Чевревска, директорка на Клиника за Хематологија

Годишно на Хематологија регистрираат четириесетина нови случаи со хочкинсова болест а 5 до 7 имаат потреба од новиот лек кој ќе им биде достапен на клиниката.