Македонија
15. јуни 2020 - 17:37

Нов лапсус на Владата - со фотографија од Германија порачува: ,,Дома си е дома‘‘

Наместо со фотографија од Кањонот Матка, како едно од најпрепознатливите туристички места во Македонија, домашниот туризам се промовира со слика од езерото Конигзее во Германија.

Сликата на полскот фотограф Симон Минај Владата ја користи за промоција на проектот „Дома си е дома“ преку кој одредени категории на граѓани ќе добијат ваучер за одмор во вредност од 6.000 денари.

Во изјава за Сител Симон вели неговата фотографија не е нелегално искористена, бидејќи таа не е на продажба и може да се користи од секого. Досега оваа фотографија ја користеле неколку светски компании.

Од Министерството за економија велат дека платформата „Дома и е дома“ ќе биде дополнета со автентични фотографии.

Во интерес на времето и со желба да се фокусираме на функционалноста на платформата одбрани се слики со природа. Како Министерство за економија низ целата промоција на мерката акцетот е ставен на промовирање на туристичките потенцијали на Република Северна Македонија. Платформата ќе биде доградена со нови податоци за капацитети и места каде ќе можат нашите граѓани да ги користат ваучерите за одмор и сигурно дека таму ќе бидат ставени слики и податоци од убавините на нашата држава, велат од Економија.

Користењето на фотографијата која е направена во Германија предизвика лавина реакции и потсмев на социјалните мрежи. Корисниците со фотографии од најпознатите светски туристички атракции и хаштагот „Дома си е дома“ се потсмеваат оваа одлука. По ваквата реакција на јавноста, фотографијата беше заменета со домашна туристичка атракција.

Во моментот се снимаат 10 видеоспотови преку кои ќе се промовираат 50-тина туристички атракции ширум Македонија. Спотовите се очекува да бидат промовирани во текот на следната недела.