Свет
25. July 2016 - 8:33

Нов инцидент во Баварија, едно лице загина и десетмина се повредени

Еден загинат и десетмина повредени е билансот на жртвите во силната експлозијата, која одекна синоќа околу 22 часот и 30 минути во вински бар во стариот дел од градот Ансбах, во близина на Нирнберг.

Според градските власти, исклучена е можноста експлозијата да е предизвикана од истекување на гас, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Непотврдени извештаи на германските медиуми кои пренесуваат информации од социјалните мрежи велат дека на еден човек, кој носел ранец на два часа пред инцидентот, не му било дозволено да влезе на музичкиот фестивал кој што се одржувал во центарнот на Ансбах. Веднаш по експлозијата фестивалот е прекинат од страна на полицијата.

Според прес службата на Министерството за внатрешни работи на Баварија експлозијата во винскиот бар повеќе е „намерен“ отколку „случаен“ инцидент.

- Во моментов претпоставуваме дека не се работи за несреќа, изјави по инцидентот портпаролот на полицијата во Ансбах, Михаел Конрад кој дополни дека припадници на специјалните полициски сили и хеликоптери се ангажирани во операцијата за наоѓање на можните сторители, а спасувачките екипи се упатени во винскиот ресторан за да им помогнат на повредените.

За само една недела најјужната и најбогатата германска покраина Баварија беше погодена од три сериозни инциденти. Покрај експлозијата во Ансбах, во првиот инцидент 17-годишен бегалец од Авганистан со секира нападна и повреди неколку луѓе во воз, а во вториот што се случи во петокот психички нестабилен Германец со иранско потекло уби девет и повреди 16 посетители во трговски центар во Минхен.

Предходно во текот на вчерашниот ден 21-годишен Сириец во градот Ројтлинген во покраината Баден Виртенберг со мачета уби една жена и повреди двајца други луѓе пред да биде уапсен.