Македонија
27. September 2023 - 12:25

Нов апарат за очна дијагностика во Штип

Штипска клиничка набави нов апарат за офтамологија. Лекарите и медицинскиот персонал на очното одделение досега немале ОСТ апарат, а со него значително ќе се забрза дијагнозата на одредени очни болести.

- Апаратот чини околу 42.000 евра или 2.600.000 денари и со ова квалитетот на здравствени услуги коишто ги нудевме досега на одделот за очни болести ќе го кренеме на едно повисоко ниво, ќе се прошири опсегот на работа на овој оддел, изјави Ален Георгијев, директор на Клиничка болница- Штип. 

Благодарение на ОСТ апаратот, пациентите од источниот регион веќе нема да се препраќаат на Клиниката за очни болести во Скопје или во приватните здравствени установи.

- Апаратот е пред сè за болестите на ретината предизвикани од дијабетис, старечката макуларна дегенерација, сите промени на васкуларните крвни садови и секое воспаление или каква било промена на очното дно, изјави Александар Мишев, началник на одделот за очни болести. 

Во октомври една лекарка ќе биде испратена на специјализација, бидејќи во моментов на оваа одделение има само двајца лекари специјалисти по офталмологија, кои секојдневно даваат здравствени услуги на пациентите од источниот, но и од југоисточниот регион.

- Наредната година планираме на специјализација за очни болести да упатиме двајца лекари, со цел кадровски да се екипираме во делот на докторите, изјави Георгијев 

По летната пауза, месечно на одделот се прават од 100 до 150 операции на катаракта.