Македонија
19. July 2020 - 16:40

Носењето маска обезбедува заштита од Ковид-19

Дури 90% се високи шансите да се пренесе инфекцијата од Ковид-19 доколку никој не носи маска. Но, ако барем еден од соговорниците носи маска, веќе шансите за трансмисија се намалуваат на 30%. А, доколку секој носи маска, ризикот за пренесување на инфекцијата е само 1,5%.

Сепак, најсигурно е доколку секој носи маска, а истовремено се почитува препорачаната дистанца.

Но, очигледно ова не го почитува секој. Иако вчера беше постигнат нов рекорд на инфицирани од коронавирус во земјава, сликата во скопскиот градски парк денеска е поинаква од препораките на здравствените власти.

Посетивме и еден од скопските зелени пазари, каде е задолжително да се носи заштитна опрема на лицето. Таму во најголем дел се почитува таа мерка и исклучок се тие кои не носат маска на лицето.

Но, треба да се внимава и како се носи маската. Со цел да се минимизира ризикот од пренесување на инфекцијата, се препорачува маската да не се носи на вратот, а потоа повторно да се врати на лицето.

Заштитна опрема, со која се покриваат устата и носот е задолжително да се носи во сите затворени простории, на зелените пазари, но и секаде на отворено доколку не може да се одржува препорачаната дистанца од најмалку метар и половина.

Казната за непочитување на мерката изнесува 20 евра.