Свет
24. March 2019 - 20:50

Норвешкиот крузер „Викинг скај“ пристигна во пристаништето во Молде

Норвешкиот крузер „Викинг скај“, кој поради дефект повеќе од 24 часа мина на отворено море, доцна попладнево вплови во пристаништето во Молде.
Крузерот, на кој се наоѓаа над 900 лица, до Молде го довлекоа еден реморкер и два брода.

Влечењето на бродот започна претпладнево откако се подобрија временските услови и се смирија брановите, но и откако беа ставени во функција три од неговите четири мотори.

Крузерот „Викинг скај“ вчера во попладневните часови испрати повик за помош, откако остана во дефект во близина на брегот на Норвешка.

Спасувачките екипи уште синоќа почнаа со евакуација на патниците, но акцијата беше отежната поради лошите временски услови и бранови во висина и до 10 метри. Во операцијата учествуваа пет хеликоптери и неколку спасувачки бродови.

Евакуацијата беше прекината откако започна влечењето на крузерот кон Молде. До прекинот на операцијата, беа евакуирани 463 од вкупно 1373-те патници и членови на екипажот на бродот.

Од спасените патници, 17 беа пренесени в болница поради здобиени повреди, а останатите беа сместени во хотел.

Најголемиот број од патниците на крузерот се британски и американски државјани.