Македонија
6. January 2017 - 11:48

Нормализиран сообраќајот на патот Штип - Кочани

Нормализиран е сообраќајот на патот Штип – Кочани на кој беше воведена забрана за движење на сите возила поради големите наноси снег кај карбинското село Крупиште, поточно кај бензинската пумпа „Ваго“.

Техничкиот директор на Регионална подружница на „Македонија пат“ Кире Коцев вели дека сообраќајот се пушта наизменично во колони во придружба на механизација на „Македонија пат“ и на сообраќајната полиција.

Што се однесува за другите патни правци од Велес до Штип наноси има кај Сарамзалино, но екипите таму постојано го чистат патот за сообраќај бидејќи е главна сообраќајна делница за источна и југоисточна Македонија.

Останува забраната за тешки товарни возила кон Кочани и Делчево каде што во моментов повторно има снежни врнежи.

Коцев вели дека проблеми со снегот на патиштата во источниот регион нема, но имаат проблем со ветерот кој веднаш прави наноси од снег високи од неколку метри на коловозите. Затоа се препорачува да не се патува доколку граѓаните немаат посериозни потреби. – Главните проблеми на патиштата ни создадоа несовесни возачи коишто на пат тргнале со несоодветна зимска опрема, вели Коцев.

Автобускиот сообраќај кон источна Македонија се одвива во отежнати услови, намален е бројот на автобусите кои пристигнуваат на автобуската станица во Штип како од градовите од источна и југоисточна Македонија, така и на автобусите коишто доаѓаат од Скопје, а пренесуваат патници кон источна и југоисточна Македонија.