Македонија
13. јуни 2018 - 21:58

Нон-пејпер: Суштинската основа на Договорот за решавање на спорот со Грција

Достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на македонскиот народ се заштитени со Договорот постигнат меѓу Македонија и Грција.

Согласно со тоа, ние имаме право да се определуваме како Македонци без какви било ограничувања, јави МИА повикувајќи се на нон-пејпер во кој имаше увид.

Основата на Договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „македонски“ и тоа, како ние за нас го толкуваме поимот „Македонија“ и „македонски“, се вели во документот.

Со Членот 7 од Договорот се прави јасна дистинкција дека поимот „Македонија“ и „македонски“ во Грција го означува „хеленскиот дел од историјата“. Во Договорот е утврдено дека „Македонија“ и „македонски“ во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство, различни од оние во Грција.

Согласно со тоа, ние имаме право да се определуваме како Македонци без какви било ограничувања, се нагласува во документот.

Согласно договорот, официјалното име за севкупна употреба ќе биде Република Северна Македонија или скратено - Северна Македонија.

Со Договорот се предвидува превод на името Република Северна Македонија на сите јазици. Не е предвидено со Договорот транскрипција на името Република Северна Македонија на латиница.

Во однос на јазикот, предвидено е македонски јазик, преведлив на сите јазици (на пример на англиски јазик – Macedonian language).

Во ОН останува да пишува - македонски јазик - без каква било фуснота со дообјаснување. Македонскиот јазик е утврден, идентитетот е зачуван.

Во Договорот има член што нотира научен факт дека македонскиот јазик е дел од јужнословенска група јазици.

Во врска со државјанството, односно националноста, во Договорот е утврдено – македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Тоа ќе биде преведливо на сите јазици (англиски – Macedonian/citizen of The Republic of North Macedonia).

Државните институции ќе го следат принципот на Договорот - новото утврдено има на државата. Сите други органзиции/компании/здруженија може слободно да се именуваат како македонски и да ја користат придавката македонски.

Државните симболи не биле дел од процесот на преговори. Химната, грбот и знамето остануваат и не се менуваат.

Имплементацијата на Договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури.