Македонија
16. November 2015 - 12:24

Ноќна трка низ улиците на Скопје

Во организација на Атлетската федерација на Македонија, а по повод „13 Ноември“, денот на ослободување на град Скопје, синоќа се одржа традиционалната ноќна атлетска трка  „Низ улиците на Скопје“ на која учествуваа 600 натпреварувачи.

Натпреварот, кој е вметнат во Календарот на АФМ, ЕАА, се организираше во 4 категории, машка и женска трка за средношколци на  1.200 метри, и главна трка за сениори во машка и во женска конкуренција на 4.800 метри.

Павел Јанковски од СУГС „Никола Карев“, Павле Јовановски од СУГС „Владо Тасевски“ и  Виктор Андоновиќ од СУГС „Раде Јовчевски –Корчагин“, се најдобрите тројца атлетичари во дисциплината на 1.200 метри за ученици-рекреативци, додека во конкуренција на ученички-рекреативки најдобри три на вчерашната трка беа Рената Соколовска од СУГС „Георги Димитров“, Вера Урдаревска од ДУФК „М.М. Брицо“ и  Марија Кузевска од СУГС „Орце Николов“.

Првото место во категоријата  атлетичари на 4.800 метри го освои  Милош Ранчиќ од АК „Скок“, второто  Кокан Ајановски од АК „Работнички“, а трет на финишот стигна Дарио Ивановски од АК „Работнички“, додека, пак, во трката на 4.800 метри  за атлетичарки првите три награди ги добија Росица Костова од АК „Делта“,  Марија Стојановска од АК „Делта“ и  Весна Кираџиева од АК „Индуранс“.

Наградниот фонд за најдобрите на ноќната атлетска трка „Низ улиците на Скопје“ изнесува 30.000 денари, а Град Скопје оваа манифестација ја финансира со 60.000 денари.