Балкан
24. December 2016 - 9:10

Посебна комисија ќе ја премерува територијата на Косово

Косовската влада донесе одлука за формирање посебна комисија,чија задача ќе биде премерување на територијата на Република Косово, објави приштинскиот весник „Експрес“.

Одлуката доаѓа откако Косово не успеа да го ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора, поради противењето на опозицијата, но и дел од пратениците на владината коалиција,кои обвинуваат дека владата и отстапува осум илјади хектари територија на Црна Гора.

Ратификацијата на тој документ е еден од главните услови на ЕУ за укинување на визите за граѓаните на Косово за Шенген зоната.

Комисијата ќе биде составена од претставници на Академијата на науките,Природно математичкиот факултет,од опозицијата и граѓанскиот сектор,како и претставник од регионот на Пеќ,каде се протега делот од границата за кој станува збор.Предвидено е во комисијата да бидат вклучени и КФОР,Еулекс и Амбасадата на САД.

Премиерот Иса Мустафа изјави дека целта е “да се утврди дали со договорот Косово губи територија“ на што се сомнева опозицијата.

Се очекува комисијата да ја заврши работата до крајот на јануари 2017 година.