Силниот ветер откорна дел од кровот на средно училиште во Штип
Од силното невреме проследено со врнежи од дожд и оркански ветер откорнат дел од кровот на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип. Највисокиот дел од кровната конструкција заврши на другата страна, на објект кој се наоѓа до самото училиште. За среќа нема повредени и не е причинета друга маетеријална штета.
-За жал, заради силниот ветер на највисоките дел од училишниот кров имавме оштетување, и ќе треба да го решаваме тој проблем. Учениците се безбедни, нема повредени ниту вработени, нема ниту оштетени автомобили. Заради невремето со силниот ветер уште во прва смена ние ги предупредивме учениците дека треба за време на одморите да останат во училиштето и тоа тие го почитуваат – изјави Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“- Штип
На лице место веднаш пристигна противпожарната единица и екипи од ЈП „Исар“. Посочуваат дека дел од кровот кој паднал на друг објект ќе биде отстранет со цел да не се предизвика дополнителна штета. Исто така се разгледуваа сите околности да се преземат мерки и активности да не дојде до паѓање и на друг дел од кровот на училиштето.
Кровот на ова средно училиште е реалативно нов. Активностите за промена на истиот започнаа на почетокот на месец септември 2020 година. Инвестицијата беше вредна околу 17 милиони денари за реконструкција на површина од над 4000 метри квадратни. Во близина на училиштето ветрот отокорна и дрво.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар