Македонија
9. November 2024 - 16:34

Скопје на седмо место според загаден воздух во светот – почна сезоната на алармантно аерозагадување

Скопје утринава се најде на седмото место во светот според загаденост на воздухот. Пред нас се градови од Пакистан, Индија, Кина, Египет, Виетнам, Ирак... И претходните денови македонскиот главен град беше на врвот на листите на серверите за мерење на аерозагадувањето со опасен воздух за дишење, но мерните станици на министерството за животна станица во текот на денот само во неколку скопски општини покажуваат средно ниво на загаденост со штетните ПМ честички.

-И тоа како имаме алармантно ниво на загаденост. Самите станици покажуваат во одредени моменти високо ниво на аерозагадување. Зависи во кој час ние ќе проверуваме. Но треба да се гледа просекот. И не треба да ги гледаме бројките ако не сакаме да веруваме на оваа или онаа мерна станиуца. Лани ни умреа 5000 граѓани од аерозагадување, изјави Горјан Јовановски, еко активист.

Според еко активистот државата со надлежните институции изминатите десетина години речиси ништо конкретно не преземале да ги заштитат граѓаните од отровниот воздух.

-Треба да има 24 часовен мониторинг колку загадува индустријата. Да им се помогне на сите домаќинства веднаш да ги заменат грејните тела. Скопје и другите градови да не бидат автоцентрирани и да се подржи подобар јавен транспорт и подобра велосипедска инфраструктура. Сите овие работи ние ги зборуваме со години и се во програмите на партиите, но очигледно не ги исполнуваат, вели еко активистот Јовановски.

Во меѓувреме како што препорачува Јовановски, на граѓаните и оваа есен и зима им преостанува сами да се заштитат.

-Бегајте од котлините. Одете на планина или на места каде има чист воздух. Не отварајте дома прозори да проветрувате, користете прочистувач и носете маски кога излегувате надвер. Времето за надвор планирајте го според нивото на аерозагаденост, и ни преостанува ние граѓаните да им тропнеме на вратите на надлежните што требаше да го решат проблемот, а не го решија и да прашаме, а што правевте вие до сега, вели Горјан Јовановски, еко активист.

Министерот за животна средина Изет Меџити пак неколку пати изминатиот период повтори дека имале акционен план како да го решат аерозагадувањето, а како покрупен чекор ќе направеле повторен обид за гасификација на урбаните средини преку јавно приватно партнерство.