Филков: Време е за освежување во Комисијата за помилување
Министерот за правда предлага освежување во комисијата за помилување..Според Филков, последното кратење на казни за осудени лица станало предмет на политички игри и препукувања, иако, помилувањата, како што вели, се важна работа за државата..Смета дека наместо повторен суд од јавноста, веќе осудените треба да се упатат на ресоцијализација.. Потсетува дека само претседателот на државата има право да побара поништување на помилувањата..
„Не можам јас да побарам, има таму член 11 кој што е многу јасен и кој кажува кој што може да прави. Она што јас како министер за правда го сметам е дека можеби е време да дојде до одредено освежување во комисијата“, изјави Игор Филков, Министер за правда.
Претседателката Силјановска Давкова синоќа ги повика на средба членовите на Комисијата.. Појасниле дека пред себе немале документи кои укажувале дека лицата како Акиф Равманоски се поврзуваат со нови кривични дела.. Во комисијата веќе размислувале како да се подобри процесот и спречат евентуалните пропусти кај помилувањата..
„Конкретно јас сметам дека е добро тие што ќе ги подизбереме, можеби и да ги видиме лично, бидејќи дел од податоците на тие личности не доаѓаат до нас. На досиеата од затворите исто не им верувам, таму има многу корупција па можат да напишат нешто што и не е точно и извештаите може таму да се штимаат. Безбедносни проверки да се прават да се види дали некој освен судското досие има сомненија дека можеби има некаква криминална заднина“, изјави Гордан Калајџиев, Член на Комисија за помилување.
СДСМ како несериозни ги сметаат изјавите дека комисијата и претседателката не знаеле кого помилуваат.. Прашуваат кој ги нарачал помилувањата..
„Еден од помилуваните,поврзан со нарко кланот „Барон“, вчера беше уапсен веднаш по неговото ослободување под сомнение за обид за убиство. Очигледно МВР на овој начин се обидува да го покрие скандалот со помилувањата и да ја намали штетата од катастрофалната одлука. Власта на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН е во дил со криминалните структури со што директно се загрозува безбедноста на граѓаните“, изјави Богданка Кузевска, Портпарол на СДСМ.
Помилуваниот Равманоски кој беше уапсен веднаш по излегување од Идризово, од вчера е повторно зад решетки.. По барање на обвинителство, судот му одреди 30 дневен притвор заради обид за убиство...
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар