Хумана традиција во Прилеп
По 16 пат во Прилеп во организација на неформалната хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски која функционира во состав на црквата „Св. Благовештение“ се одржа хуманитарната акција за големиот христијански празник Божик. Вечерва се пакуваа пакетите со храна и хемиски средства кои утре ќе им бидат поделени на околу 140 социјално загрозени семејства. Околу 2 недели во 4-те најголеми прилепски цркви стоеја кутии за донации каде граѓаните донираа, а потоа со тие пари се купија намирниците за овие хуманитарни пакети.
„Во вакви акции треба сите заеднички да учествуваме. Хуманитарната организација е само еден мал поттик, една информација се споделува преку црквата дека нешто хуманитарно се случува. Треба да бедеме самите свесни, треба сами да сме свесни дека на овие два големи празници Велигден и Божик, да им подадеме рака сиромашните. Треба сами да бидеме свесни, не треба да чекаме некој да не повика на некаква акција, туку ние да погледнеме околу себе да видиме на кого му треба помош најмногу, на некој болен, на некој кој неможе да заработи, некој кој нема и да му ја дадеме помошта за овие денови“, истакна Драган Џокоски, хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски.
Вакви акции се во прилепските цркви се прават 2 пати за Велигден и сега за Божик. Но на социјално загрозени семејства им се помагало преку целата година.
„Во нашата црква, Св. Благовештение, има една кутија која собира парични средства, донации, преку целата година и тие парични средства се користат за донирање на семејства кои имаат потреба од операција, му се случил пожар во домот, им треба некаков друг вид на помош, обично тие пари се користат за такви намени. И нормално дека и ние самите учествуваме со наш прилог, кој колку може да оддели од нашите средства , ставаме и ние во тие каси преку целата година. Дел од овие семејства кога и да имаат потреба да имаат некаква треба во црквата, венчавка, крштевка, погреб, нив тоа не им се наплаќа“, додаде Џокоски.
Вечерва се направија околу 140-тина пакети за семејства од кои 100-тина ќе бидат поделени во Прилеп, а останатите во прилепските села. Исто така на 20-тина лица кои живеат сами им се даваат парични средства да си испазарат потребни намирници од најблиската продавница. Пакетите бесплатно до домовите на социјално загрозените семејства ги доставува една такси компанија од Прилеп.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар