Loading Video...
Свет
24. November 2023 - 12:32

Утрово почна најавеното примирје договорено меѓу Хамас и Израел- треба да бидат ослободени 52 лица

Утрово конечно почна најавеното примирје договорено меѓу Хамас и Израел. Во 7 часот по локално време запреа воените дејствија на двете страни, и почна операцијата за ослободување на заложници и затвореници.

Според последните информации, денеска треба да бидат ослободени 52 лица.  

Израел ќе ослободи 39 палестински затвореници - 24 жени и 15 тинејџери, во замена за 13 заложници кои Хамас треба да ги ослободи од Појасот Газа, објави палестинскиот комесар за затвореници Кадура Фарес.

Египетските власти информираа и дека 200 камиони со хуманитарна помош, 130.000 литри гориво и четири камиони со гас ќе влегуваат во Газа секој ден од примирјето. 

Според првичниот договор, Израел вкупно треба да ослободи 150 палестински жени и деца од своите затвори, додека Хамас треба да пушти 50 заложници. Според договорот постои можност за продолжување на примирјето, но услов е ослободување на минимум 10 заложници кои ги држи Хамас, односно 30 палестински затвореници од Израелските затвори.

Претпоставките се дека Хамас во своите ќелии чува околу 240 луѓе кои беа земени како заложници за време на вооружениот напад врз Израел на 7 октомври.

Бројот на Палестинците убиени во израелските напади во Појасот Газа од 7 октомври се искачи на над 14.800, од кои над 5.800 деца, соопштија здравствените власти во Газа. Израелските власти пак досега информираа за над 1400 жртви.