Свет
19. December 2018 - 12:34

„Њујорк тајмс“: Во САД минатата година од оружје загинале 40.000 луѓе

Околу 40.000 луѓе загинале од огнено оружје во САД минатата година, пишува „Њујорк тајмс“.

Точниот број на загинати изнесува 39.773 и е најголем во последните 50 години, покажуваат податоци од истражувања на американските Центри за контрола и превенција на болести.

Тоа значи дека на секои сто илјади Американци, минатата година имало по 12 загинати, пишува весникот.

Во секоја од изминатите три години бројот на загинатите од огнено оружје во САД се зголемувал, откако во првата декада од овој век бил релативно стабилен.

Самоубиствата историски се со најголем процент во вкупниот број на смртни случаи од употреба на огнено оружје во САД. Минатата година 60 проценти од тој вид смртни случаи се самоубиства, а убиствата изнесуваат 37 отсто.

Освен смртните случаи со огнено оружје, во САД е зголемена и смртноста поради употреба на наркотички средства. Минатата година од прекумерна доза дрога починале околу 70 илјади луѓе.

Според шефот на Одделот за статистика на смртноста на Националниот центар за здравстена статистика Боб Андерсон, можно е да има поврзаност меѓу смртните случаи поради употреба на наркотици и огнено оружје.

Тенденциите сепак се различни во одделни држави. Во Канзас, на пример, во последната декада е зголемен бројот на самоубиствата и убиствата со огнени оружја, додека во државата Њујорк и двата показатели се намалени. Како причина за разликата се посочуваат разликите во законите во однос на овој вид оружје.