Свет
11. April 2017 - 8:47

„Њујорк тајмс“ освои три награди Пулицер, вклучувајќи и за руското влијание во странство

Весникот „Њујорк тајмс“ освои вчера три награди Пулицер, за меѓународно новинарство, за ударни вести и за продлабочени статии на дадена тема.

Признанието за меѓународно новинарство „Њујорк тајмс“ го доби за статии, посветени на напорите на Владимир Путин за зајакнување на руското влијание во странство, мошне чувствителна тема, имајќи ги предвид тврдењата на американското разузнавање дека неговата Влада активно се обидувала да влијае врз претседателските избори во САД во корист на Доналд Трамп. Жирито нагласи дека весникот открил „техники, вклучувајќи убиства, онлајн малтретирања и извртување на клучни докази против противниците“.

Дејвид Фарнтхолд од весникот „Вашингтон пост“ ја освои Пулицеровата награда за национална репортажа посветена на добротворните активности на Трамп. Според жирито тој создал модел за транспарентно новинарство со покривање политичка кампања и ја ставил под сомнение великодушноста на Трамп во добротворните организации. 

Фарнтхолд е новинар, кои стои зад можеби најсензационалната вест за време на предизборната кампања во САД. Тој откри дека Трамп бил снимен како дава „непристојни коментари за жени и се фали дека ги бакнува и допира без нивна дозвола“. 

Пеги Нунан, долгогодишна републиканка и колумнистка за „Волстрит журнал“ ја освои наградата за коментирачка статија за серија од критичните материјали за Трамп, напишани за време на минатогодишната кампања за Белата куќа.

Конзорциумот од над 300 новинари од шест континенти освои награда за репортажа во врска со т.н. Панамски документи, кои открија како политичари, спортисти и други познати личности ги користат даночните засолништа за да избегнуваат плаќање даноци.

Наградата за новинарство во служба на заедницата ја освои „Њујорк дејли њуз“ за вебплатформа за истражувачко новинарство, а „ПроПублика“ беше наградена за репортажи, посветени на злоупотреба на њујоршката полиција на луѓе од сиромашните малцинства. 

Во 19-члената комисија на „Пулицер“ учествуваат поранешни добитници на награди и други познати новинари и академици. Таа избира победници во 21 категорија во областа на новинарството, литературата, музиката и театарот со помош на 102-члено жири.