Свет
16. September 2016 - 20:22

Нивото на мраз на Арктикот на најниско ниво од 2012 година

Мразот во реонот на Арктикот се наоѓа на најниско ниво од 2012 година и на второ најниско ниво од кога почна сателитското следење на замрзнатите површини околу Северниот пол, објави лондонски „Гардијан“.

Според податоците на Центарот за снег и мраз од американската сојузна држава Колорадо, во моментов мразот на Арктикот се протега на површина од 4,14 милиони километри квадратни. Под ова ниво досега мразот на Арктикот бил само во 2012 година, кога прекривал 3,39 милиони километри квадратни.  

Директорот на Центарот, Марк Серезе вели дека годинава површината под мраз технички е за 10.000 километри квадратни помала во споредба со 2007 година.

- Иако годинава не е забележан рекорд, трендот на намалување на количеството на мраз е во пораст. Немаме податоци за обновување на мразот, Од секогаш знаевме дека Арктикот ќе биде систем кој ќе предупредува на климатските промени. Она што сега го гледаме го потврдува таквиот став, изјави Серезе.

Според него, во текот на минатата зима нивото на мразот на Арктикот бил на речиси најниското ниво во зимскиот период, но во текот на летото се регистиррани поголем број невремиња од вообичаеното.

- Тие невремиња создаваат облаци над Арктикот и го ладат, но тоа не доведе до запирање на топењето на мразот, додава Серезе.

Тој смета дека не би требало да преставува изненадување ако до летото 2030 година на Арктиокот повеќе воопшти нема мраз, додавајќи дека тоа ќе ја загрози меѓународната безбедност.

Научникот Кевин Тренберт во изјава за „Гардијан“ вели дека трендот на топење на мразот околу Северниот пол е очигледен.

- Но, последиците од тоа нема да се почувствуваат само на Арктикот, туку и низ целиот свет, додава Тренберт. 

Истражувачот од Универзитетот во Пензилванија, Мајкал Ман пак вели дека „она што се случува на Арктикот, не останува само на Арктикот“.

- Постои голема веројатност дека драматичните промени на Арктикот ќе влијаат врз времето и можно е да предизвикуваат драматични, константни и штеттни временски аномалии, на какви што бевме сведоци во последниве неколку години, додава Ман.