Македонија
6. December 2018 - 13:10

Нинџа: Парламентарно-партски штаб координитор на 27 април, УБК ги следеше Заев, Спасовски и Верушевски

„За заедничка Македонија“,  беше формирана од ВМРО-ДПМНЕ и имаше фиктивни водачи. На протестите на „За заедничка Македонија“ 80 отсто беа од ВМРО-ДПМНЕ кои ги даваше сите реквизити што се користеа. Сите водачи на протестите ги имам гледано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ кај Кирил Божиновски, рече обвинетиот Александар Василевски  – Нинџа во својот исказ пред судот во врска со настаните во Собранието на 27 април минатата година.

Според Нинца, оперативните податоци до кои што тој дошол велеле дека организаторите на протестите биле исплаќани од ВМРО-ДПМНЕ. – Јас само ги видов во партијата со Кирил Божиносвки, но не можев да ги видам нивните џепови, рече Нинџа.

Кажа дека поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски кога се создал Фронтот за Македонија му дал налог да се сретне со Јане Ченто и Игор Југ. За Југ, како што посочи, требало да оцени дали неговото мислење е проруско.

– Кон 15 април зовре состојбата и се скандираше против „тиранската платформа“. Во свест ни беше врежан патриотизмот. Никој од овие во судница не знаеше што може да се случи на 27 април . Тој ден околу 12:30 часот ми се јави директорот на УБК и ми кажа да бидам во Скопје бидејќи има информации дека нешто ќе се случи, рече Нинџа. Додаде дека околу 16 часот повторно му се јавил Атанасовски и му рекол дека има информации оти СДСМ ќе бира претседател на Собранието и оти тоа го знае и Ченто.

Атанасовски му кажал дека „комуњарите сакаат да бираат претседател и посочил дека во секој момент треба да биде прогласена воена состојба“.

Нинџа пред судот истакна дека имал контакт и со Сашо Мијалков, кој го викнал да оди во „Мериот“ и штабот на ВМРО. Околу 18 часот бил во штабот на партијата, но Мијалков не бил таму. Таму, како што додаде, имало лица од парламентарниот – команднооперативен штаб на партијата – Бришковска, Божиновски, Јанакиески, Чавков.

Од тука, како што посочи Нинџа, се координирало што се случуваше на 27 април. Бришковска кажала дека не поминало првото сценарио и пратениците не си ја завршиле работата и не предизвикале тепачка.

– Потоа му се јави на Трајко Вељаноски и му рече да се отворат вратите од Собранието, а во 19:15 му се јавил Атанасовски и му рекол да оди да известува од терен, додаде Нинџа.

Околу 19:20 часот, како што рече Нинџа, го забележал „Боксер Бошкоски“ и други во толпата, по што се упатил кон Градска болница каде Бошкоски му рекол дека е во контакт со Атанасовски и оти е известен дека требало да дојде. Оттаму ја набљудувале ситуацијата и му се јавиле на Никола Митрески-Кољо, кој бил во Собранието и им рекол дека е хаос и оти луѓето тепаат пратеници.

-Му реков да излезат, а Бошкоски му кажа дека има луѓе од прикриени операции и да излезе од кај УНИ банка. Митрески рекол дека ќе излезе сам и оти е без фантомка. Наредбата беше сите да излезат, рече Нинџа.

Рече дека на една од клупите во „Жена парк“ го сретнал и Горан Грујоски, кој му рекол дека има седум до осум луѓе во Собрание од прикриени операции.

– Додека седев некој му се јави и рече ова не е на арно некој друг ја презел командата и полицијата почна да дејствува. По извесно време Грујоски доби информација дека нема да има вонредна состојба поради притисок од странците кај претседателот на државата. Околу 22:15 го одвеле во прикриена база на УБК кај Државна болница, каде биле Бошкоски и Сашо Марковски. Тука разбрав дека се одземени хард дисковите од обезбедувањето на Собранието, рече Нинџа.

Кажа дека потоа со Бошкоски се упатиле кон Автокоманда, но во Керамидница застанал и истурил една кеса во Вардар.

Рече дека Бошкоски му се јавил на Атанасовски и  го прашал што да прави со хард дисковите, по што добил одговпр да се уништат по што Марковски двата хард диска ги уништил на преса и потоа со ножици за лим ги сечел цедињата на парчиња.

Одговарајќи на вкрстени прашања од обвинителството Александар Василевски-Нинџа рече дека УБК ги следело Зоран Заев, Зоран Верушевски и Оливер Спасовски, иако тогаш бил министер за внатрешни работи. Додаде дека бил следен и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу кому му биле поставени камери кога не бил дома.

За операциите на Петтата управа, рече Нинџа, не знаел ни тогашниот директор Љупчо Андоновски – Андон бидејќи, како што кажа, соработувал со СЈО.