Македонија
10. April 2018 - 16:04

Нимиц со писма до Димитров и Коѕиас во пресрет на круцијалните преговори во Охрид

Медијаторот Метју Нимиц во петокот испратил писмо до министрите Коѕијас и Димитров, спроти нивната средба во четврток во Охрид, која се оценува како круцијална за решавње на спорот за името.

Грчкиот медиум Вести 24/7 објавува дека во новото трето писмо, посредникот ги наведува точките по кои двете страни имаат договор и точките по кои не се согласуваат, маркирани врз основа на нивните разговори на трипартитната средба во Виена.

Канцеларијата на Коѕијас, како одговор до Нимиц испратила одредени забелешки на, како што се наведува контроверзните точки наведени од медијаторот, со цел постигнување јасна слика во пресрет на охридската средба.

Спроти балканската турнеја на Коѕијас што почнува денеска, а завршува со круцијалниот состанок со Димитров во Охрид, News 24/7 ги анализира поглавјата по кои двете страни не се согласуваат или се очекува да попуштат.

За името е наведено дека е договорено да биде сложено со географска одредница, со забелешка дека најверојатно нема да биде слеано, а се преговара дали ќе биде преведено.

Второто поглавје за опсегот на употреба, останува најтешко за преговарање.

Скопје не сака да прави уставни измени и преговара да го задржи името Република Македонија за внатрешна употреба.  Во прилог на македонскиот став се додава дека над 137 земји ја признале земјава под уставното име, меѓу кои и повеќе членки на Европската Унија, а другите, како Германија де факто и се обраќаат со Македонија.

За јазикот и идентитетот, медиумот пишува дека грчката страна индиректно признала постоење македонски идентитет во ФИРОМ, повикувајќи се на изјавата на премиерот Ципрас од декември во Белград, во која вели дека ние не сме единствените Македонци. За македонскиот јазик, пак се нотира дека е признат од Обединетите нации уште од 1977-ма година. Исто е и со акронимите и кратенките кои се признати во светската организација од 1992-ра година. Нивната замена би чинела многу и би имала големо влијание врз животот на луѓето и затоа не се очекува промената да се случи преку ноќ.

Во анализата се забележува дека од 7-те отворени прашања, не е можно едната страна да ги добие сите 7. За тоа е свесен и Коѕијас и неговиот фокус е насочен кон поглавјата што се круцијални за грчките интереси.

На крајот се испраќа порака и до грчките пратеници, кога ќе се соочат со спогодбата во Парламентот, да имаат предвид дека се работи за национален интерес, бидејќи меѓу тие што не сакаат договор со Македонија се Русија и Турција.

ВАЛЕНТИН НИКОЛОСКИ