Македонија
3. February 2018 - 10:27

Нимиц: Сега сме поблиску од кога било до решение

 Ова дефинитивно е историска шанса за решавање на спорот со името. За тоа дали ќе постигнеме решение се уште има доста работа, но мислам дека сега сме поблиску од кога било и сметам дека волјата кај двете страни на лидерско ниво и според мене, меѓу повеќето граѓани, е позитивна, оценува медијаторот Метју Нимиц во интервју за емисијата 360 степени на ТВ Алсат.

- Мислам дека луѓето веруваат оти времето е дојдено за решавање на ова прашање, да го оставиме зад нас, да одиме напред, и мислам дека се движиме во вистинската насока, изјави Нимиц. 

Во однос на тоа во која насока ќе продолжи процесот, вели дека не сите, и во Атина и во Скопје, се среќни со се што изнел во неговите идеи, но, нагласува, нивната цел е да бидат сугестии до двете страни кои би ги приближиле нивните позиции.
 
- Дадов некои сугестии и ги слушнав позициите на двете страни. Мислам дека сега ќе се обидам да „соберам“ нешто од понуденото. Но, исто така, двајцата министри за надворешни работи имаат дијалог, добро се познаваат и мислам дека тие се луѓето, на крајот зависи од двете влади дали ќе договорат решение, истакнува Нимиц.
 
Додава дека неговите идеи биле релативно конкретни и оти откако ги слушнал двете страни смета дека некои од идеите може да се отстранат, некои може да се доработат, да се намалат некои од разликите, некои прашања може да се решат, некои прашања може дополнително да се усложнат, но, како што рече, во оваа фаза тој е оптимист дека може да се најдат решенија за надминување на разликите.
 
За тоа како ја оценува одлуката да се преименуваат аеродромот и автопатот, Нимиц посочува дека тоа е крупен исчекор напред, дури, како што вели, и со речиси историска димензија зашто не памети подобар состанок меѓу двајца премиери на двете земји во сиот негов ангажман уште од 1994/95 година.
 
- Им оддавам признание на двајцата премиери, му оддавам признание на премиерот Заев за преземање на овие важни гестови за креирање добра волја во регионот и добра волја кон соседот, наведува Нимиц.
 
На прашање дали меѓународната употреба на кое било евентуално договорено име предвидува тоа да стои и на пасошите и останатите документи за идентификација што се користат во меѓународна комуниакција, Нимиц вели дека „пасошите се меѓународни документи и ако има договор за модификација на името тоа би било применливо на документи како пасошите“.
 
За тоа кои се гаранциите дека она што ќе биде договорено ќе биде имплементирано од грчка страна, Нимиц вели дека затоа има дијалог меѓу двете земји и затоа треба договор. 
 
- Според моето искуство, државите ги исполнуваат догворите, а кога не ги исполнуваат, има механизми со кои тоа да се спрви, но во овој случај има јасна загриженост кај двете страни дали другата страна ќе ги спроведе обврските. Кога сте во таа позиција, а постои загриженост, историја на нецелосна доверба, тогаш тоа мора да се надмине. Мислам дека раководствата на двете земји напорно работат на надминување на тоа чувство на немање доверба, но треба политичка волја и правна документација. Така што, се обидуваме на двата фронта, истакнува Нимиц.
 
Во врска со тоа кој правец ќе продолжи процесот и кога очекува средба со министрите за надворешни работи на двете земји, Нимиц вели дека со двајцата разговара за процесот и се уште не се договориле за точен датум и за прецизна методологија за да се оди напред.
 
- Според мене, би требало да имаме придвижување во наредните недели, ова не е нешто што треба да се одолговлекува. Мислам дека има одреден момент и тоа позитивен момент. Знам дека во двете земји има противници на дел од идеите, дури и противници за постигнување договор, но мислам дека владите на двете земји сакаат договор и мислам дека граѓаните на двете земји би сакале ова прашање да се затвори. За ова разговараме веќе 25 години, прашањата се на маса, ги знаеме прашањата, ги знаеме можните решенија. Пред некој ден реков – ова е време за одлуки, а не само за апстрактни разговори, треба да седнеме и да кажеме – дали можеме ова да го решиме. Мислам дека со раководствата во двете земји, со добри идеи на маса, ќе направиме вистински напор за тоа да го постигнеме, наведува во медијаторот Метју Нимиц