Македонија
14. November 2017 - 16:20

Нимиц идната недела во Брисел ќе ги сослуша преговарачите, Хан доаѓа во Скопје

 
Медијаторот Нимиц ќе се сретне со преговарачите Василакис и Наумовски, придружувани од по еден претставник на двете министерства за надворешни работи на 20, односно 21 ноември, обелодени премиерот Зоран Заев.
 
Прашањето за решавање на спорот за името добива на актуелност во земјава, а Македонија и Грција покажуваат поголема одлучност во подготвеноста за конечно решение, изјави Заев по средбата со словенечкиот премиер Миро Церар. 
 
,,После завршувањето на локалните избори беше логично да се направи нов обид на решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кој што го има Република Грција со нашето уставно име, а кој истовремено е пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц. Во ноември очекуваме тие преговори да се интензивираат. Ние во Македонија се обидуваме да изградиме национален консенсус. Сите, претседателот на државата, владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, не на негово одложување. Навистина градиме и пријателски односи со Република Грција и во ваква пријателска атмосфера јас верувам лично, искрено  да се најде решение и на ова горливо прашање. Така да, Македонија влегува во обид, кој што се надевам дека ќе биде последен со конечна цел решавање на проблемот кој што Грција го има нашето уставно име‘‘, рече Заев. 
 
Спорот за името, беше една од главните теми и на вчерашната средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција во Брисел. Од кабинетот на Димитров не соопштија прецизни детали:
 
,,Министрите разменија мислења како претстојниот период најдобро да се искористи за постигнување напредок во процесот под покровителство на ОН, кој се очекува да биде обновен во најскоро време. Соговорниците изразија заложби за водење отворен, конструктивен дијалог во добра верба, низ кој меѓусебната доверба ќе расте и во иднина‘‘, објавијса од МНР.
 
И Коѕијас, беше скржав на зборови. По средбата изјави дека разговарале за модалитетите на комуникација. 
 
,,Разговаравме за прашања поврзани со комуникациите, комуникациските механизми во ЕУ, при што потенцирав дека мораме да имаме исправна политика за да имаме исправна комуникација‘‘, изјави Коѕијас.
Непосредно по средбата со Димитров и вицепремиерот Османи, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан најави дека следната недела доаѓа во Скопје, за да ја поттурне позитивната динамика во реформите и да побара конструктивна соработка од сите политички сили, вклучувајќи ја и опозицијата.