Македонија
12. јуни 2018 - 19:52

Нимиц го поздрави договорот за името, особено визијата и решителноста на Димитров и Коѕијас

Топло ја поздравувам најавата на премиерите Ципрас и Заев за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за прашањето за името. Би сакал да им честитам на партиите за успешно завршување на разговорите за решавање на разликата меѓу нив, вели во првичната реакција посредникот на ОН Метју Нимиц.

„Не се сомневам дека овој договор ќе доведе до период на подобрени односи меѓу двете соседни земји, а особено меѓу нивните граѓани. Охрабрен сум од посветеноста на двете влади да обезбедат взаемна корист за сите свои граѓани преку воспоставување на стратешко партнерство како основа за интензивирана соработка во сите области.

Ја имам честа да бидам олеснувач помеѓу двете страни и сакам да му оддадам признание на генералниот секретар за неговата непоколеблива поддршка и сериозен интерес и на другите колеги во Обединетите нации за нивниот драгоцен придонес во решавањето на овој проблем. Исто така, би сакал да го споменам мојот претходник, покојниот Сајрус Венс, чија сериозна  работа на Балканот трајно придонесе за мирот во регионот.

Пред сè, сакам да им честитам и да им се заблагодарам на министрите за надворешни работи, Димитров и Коѕијас, кои покажаа лидерство, визија и решителност во преговарачкиот процес и никогаш не се повлекоа во нивните напори да постигнат заемно корисно решение како за сопствената нација, така и за поширокиот регион“, се вели во писмената изјава на Нимиц.