Бизнис
18. November 2017 - 13:13

Николовски во Јахорина се сретна со колеги од регионот и претставници на меѓународни организации

Затворање на сите отворени прашања, подобрување на регионалната соработка и зголемување на трговската размена беа главни теми на разговор на средбите на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со делегациите на државите присутни на Единаесеттиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа (ЈИЕ), што се одржа во Јахорина, Босна и Херцеговина.

Како што соопштија од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, од особено значење за Република Македонија биле и средбите со директорот на Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на ЕУ-ДГ АГРИ, Марио Милушев, со регионалниот директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО) за Европа и Централна Азија Владимир Рахмањин, со директорот на Германската интернационална соработка (ГИЗ), Џејмс Макбет, и со Герман Јеуб, генерален директор за ЕУ политика и интернационална соработка во германското Министерство за земјоделство. 

- Овие високи меѓународни претставници ја потенцираа важноста од започнувањето на реформскиот процес и очекуваат активна улога на Република Македонија во користењето на ЕУ фондовите, вклучително и на ИПАРД Програмата, како и активна партиципација во сите регионални активности, се вели во соопштението.

Сите претставници од меѓународните организации, изразиле желба и подготвеност да го зголемат своето проектно портфолио во Македонија, преку помош во областа на руралниот развој, уредување на земјоделското земјиште, воспоставување модерни системи за наводнување, подобрување на советодавните услуги, експертска помош за ИПАРД Агенцијата и долгорочни стратешки пријателства и асистенција во изработување стратегии и програми преку споделување на искуства и знаење.

На состанокот покрај министри и владини претставници од земјите од соседството, присуствуваа и високи претставници на меѓународните организации кои се активни на Западен Балкан.

Министерот Николовски, во обраќањето на состанокот посочи дека во создавањето на развиено и конкурентно земјоделство, клучна е улогата на владините политики за забрзување на евроинтеграцискиот процес, на што Република Македонија активно работи. Николовски потенцираше дека врз основа на усвоените закони од областа на земјоделството и руралниот развој, Република Македонија, преку МЗШВ континуирано работи на приближување на земјоделскиот сектор кон европските регулативи.

Николовски јахорина

- Прилагодувањето кон соодветната легислатива, воведувањето на соодветни политики и зајакнувањето на институциите согласно стандардите на земјоделската политика на Европската унија е обврска од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, но и одличен проверен шаблон за успешни реформи за постигнување на националните развојни цели, но и заедничка цел на сите земји во регионот. Зголемувањето на конкурентноста на македонското земјоделско производство и прехрамбената индустрија, развојот на руралните средини и одржливото управување со природните ресурси се главните стратешки цели на македонската земјоделска политика согласно тековната Националната стратегија за земјоделството и рурален развој, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според него, во процесот на унапредување на земјоделството важна е размената на искуства меѓу земјите од ЈИЕ, а тоа, како што рече, е овозможено преку Постојаната работна група за регионален рурален развој на земјите од ЈИЕ- СЊГ“

Министрите од ЈИЕ, на состанокот заклучија, дека ќе работат на интензивирање на регионалната соработка и трговската размена, преку почести разговори и средби, бидејќи сите имаат иста цел, влез во Европската унија.

По овогодинешното претседавање на Босна и Херцеговина со овој работен состанок, следната година, Република Македонија ќе биде домаќин на работниот состанок со министрите од Југоисточна Европа.