Бизнис
10. July 2018 - 22:11

Николовски: Штетите не се големи, нема да влијаат на извозот - ВМРО ДПМНЕ: Николовски ги замајува земјоделците

Штетите од невремето не се толку големи и нема да влијаат на извозот, смета министерот за земјоделство. Се очекува општинските комисии да ги објават првичните проценки за настанатите штети, како и за тоа колкави површини земјоделски култури настрадаа од невремето.

“Сметам дека штетите не се толку алармантни. Под фолиите културите се заштитени, проблем имаме само со посевите на отворено. Мислам дека имавме добра година за земјоделците, има доволно производство и нема да се рефлектира на извозот. Нас извозот ни расте во сите сегменти”, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Државата и натаму субвенционира осигурување на посевите во висина од 60%, но надлежните велат дека интересот кај земјоделците од година во година бил сè помал. Работат и на враќање на системот за градобијна опрема и заштита, бидејќи со години не бил во функција. Во буџетот за наредната година веќе се предвидени средства што ќе се наменат за нови технолошки алатки за следење на временските прилики.

“Ако секоја година даваме по 5 милиони евра за обесштетување подобро да ги пренамениме парите и постепено да инвестираме во долгорочно решение за заштита. Но, не може да знаеме од кога ќе функционира целиот систем”, изјави министерот Николовски.

На овие информации реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
“Mинистерот Љупчо Николовски во две реченици се демантира самиот себе. Прво вели дека штетите не се големи, а веќе понатаму дека комисиите се уште не ја утврдиле штетата. Тоа значи дека комисиите нема да работат според теренскиот увид и реална проценка туку по негов налог.”, пишува во соопштението.
“Зборува за систем на градобијна заштита, а заборавил или бил премногу млад за да знае дека истиот систем го уништија неговите постари колеги од СДСМ во време на нивното владеење.”, стои во реакцијата на опозицијата.