Македонија
4. July 2017 - 12:45

Николовски: Се разгледуваат сите опции за непречен откуп на пченицата

Какви дополнителни или интервентни мерки ќе се воведат за непречен откуп на пченицата, ќе се знае по анализите кои се веќе во тек, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со барањето на земјоделците од Пелагонија да се врати поранешната одлука за условен увоз на пченица.

Според него, се уште не може да се дефинира производствената, ниту пазарната цена на пченицата. Тоа ќе се знае на крајот на јули.

- Ги разгледуваме сите мерки и можности, но треба да имаме предвид дека токму поради примената на таа мерка, условениот увоз на жито, Македонија беше опомената за сериозни можни санкции, потенцира Николовски по работилницата за консолидација во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Се преиспитува, додаде, потребата од воведувањето условен увоз на пченица во претходните неколку години.

- Сакаме да ги имаме формално-правно овозможени сите аспекти за што поскоро да спроведеме соодветни постапки. Има повеќе можности и опции. Тимот задолжен за оваа работа, темелно, длабински, системски ќе ги разгледа опциите што ќе овозможи натамошно носење на политиките, подвлече Николовски.

Во врска со обесштетувањето од градот, министерот рече дека за најголем дел од штетите до МЗШВ се уште не се пристигнати записници со релевантни проценки. За штетите во Тетовско, Кумановско и Скопско, Владата, потенцира, експресно реагираше, постапките течат, се формира комисијата, се направија првичните проценки, се информираа граѓаните за рокот, а по обработката на сите барања за обесштетување, ќе се излезе со точни податоци.

- Владата, како никогаш досега, направи експресна постапка за почеток на проценките. Во 2016 и 2017 година имаше штети во големи размери. За жал, до доаѓањето на оваа Влада не беа преземни никакви активности поврзани со законските процедури кои значат промена на Програмата, предвидување средства, дополнителни мерки, утврдување на износот што ќе се исплаќа,... Граѓаните биле манипулирани и лажени дека секој момент ќе ги добијат парите, рече Николовски.

Ова, дополни, ќе го потенцирам постојано, за да има одговорност пред граѓаните чии проблеми треба да решаваме. - Не може да се кажува во јавност дека само што не биле исплатени штети на земјоделците, а од друга страна да не се преземе ниту една активност во таа насока, за да се забрзаат постапките, истакна министерот.

За предизвиците со имотно-правните односи, Николовски нагласи дека не треба да се очекува проблеми што биле креирани 11 години некој да ги реши веднаш, со магично стапче, за 20 дена.

- Ги воочивме проблемите, разговараме за нив. Веќе имам направено 514 средби во различни делови од Македонија. Некој конечно треба да се зафати со нивно системско решавање, тоа не може да се случи преку ноќ и вонзаконски. Обврска на оваа реформска Влада е да работи согласно закон и институциите да бидат независни, одговорни и транспарентни, а пристапот ни е ситемски, длабински, рече министерот.