Македонија
21. јуни 2016 - 16:59

Николовски: Потребен е заеднички европски пристап за хуман третман на бегалците

Бегалските бранови бараат зголемена соработка меѓу земјите на Европската унија, и заеднички и одговорен пристап на Европа кон ова прашање. Република Македонија не е и не треба да биде жртва на неуспесите на Грција, која треба да ги заштити надворешните граници на Европската унија и да се справи со проблемот на миграцијата. Александар Николовски пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа истакна дека Македонија е единствената земја која не е членка на ЕУ а добива мигранти од земја членка на Унијата.

- Не само Германија, туку сите земји од Европската унија треба да покажат солидарност, да се приклучат во оваа фаза, да дадат поддршка на она што Германија го прави. И останатите земји членки на Унијата треба да помогнат.

Бегалската криза е еден од од најголемите хуманитарни предизвици со кој се соочува Европскиот континент по Втората светска војна. Токму тоа според Николовски е причината за заеднички европски пристап кој ќе им даде хуман третман на овие луѓе.

- Република Македонија се обидува да обезбеди хуман пристап на сите бегалци од војната, и  не е точно она што се вели во Извештајот дека Република Македонија ја затворила границата. Република Македонија само ги канализира/насочува  бегалците на законските и легални точки за проверка и гранични премини.  На секој оној кој бега од војната му е дозволено да влезе во земјата и да го продолжи својот пат кон север и Република Македонија се обидува да им обезбеди хуман пристап.

Николовски пред присутните на ПС на Советот на Европа истакна дека во текот на 2015 година повеќе од еден милион мигранти транзитираа низ територијата на Република Македонија.