Македонија
24. јуни 2022 - 14:34

Николовски – Оздемир во Берлин: Обединети во изнаоѓање на нови можности за полесно надминување на кризата со храна

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски одржа работна средба со сојузниот министер за земјоделство и храна на Германија Џем Оздемир, во рамки на министерската конференција Global Alliance for Food Security која се одржува денеска во Берлин, информираат од МЗШВ.

На состанокот министрите разговарале за заеднички да се креираат одлуките за сите предизвици, да креираат мерки и политики кои ќе му помогнат на земјоделскиот сектор. Министрите разговарале и за продолжување на поддршката и реализацијата на капиталните инвестиции кои се финансирани од KfW.

-Војната во Украина предизвика сериозен удар во економиите на државите, проблеми и криза со храна и големо нарушување на цените. Земјоделството е токму еден од најпогодените сектори, преку поскапувањето на основните суровини за производство. Во овие услови на светска криза земјите меѓусебно треба да соработуваат споделувајќи искуства и креирање на заеднички политики за полесно справување со последиците од кризата, било истакнато од министрите.

Министерот Николовски на средбата го информирал германскиот сојузен министер за земјоделство и храна Оздемир за мерките кои Владата на Република Северна Македонија ги подготви за поддршка на земјоделците.

-Заедно со земјоделците и стручната јавност, како министерство, подготвивме Национален план за производство на храна чија цел е стабилизирање и зголемување на домашното производство на храна, пред сè на стратешките култури. Подготвивме и Инфервентен фонд за поддршка на земјоделците, за што сме прва земја во регионот со ваква мерка, преку кои им помагаме на земјоделците во производството при набавка на ѓубриво, но и даваме поддршка за зголемен принос на стратешки култури. Поддршката за секој еден земјоделец која ја даваме во овие услови на криза им дава сигурност и интересот кај нив за мерките од Интервентниот фонд е голем, нагласил министерот Николовски.

Тој на средбата  рекол оти очекува од оваа министерска конференција да произлезат многу нови можности за полесно надминување на оваа сериозна светска криза.

-Преку иницијативата Отворен Балкан се зајакна соработката меѓу земјите од Западен Балкан, посочи  Николовски.

Тој потенцирал дека првичните трилатерални договори меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија го олеснија увозот и извозот на стоки меѓу земјите од Западен Балкан, отворајќи слободен пазар за труд и услуги.

-Постигнат е голем напредок благодарение на нашите заеднички заложби, политички и експертски, ги решаваме успешно отворените прашања креирајќи слободен пазар за полесно движење на стоки и услуги меѓу земјите од Западен Балкан. На овој начин, на долг рок, обезбедуваме сигурна иднина и достоинствен живот на сите граѓани во Западен Балкан. Затоа иницијативата Отворен Балкан полека ги дава очекуваните цели, тоа го говори и фактот што расте интересот на другите земји од Западен Балкан за приклучување кон оваа иницијатива со Црна Гора и Босна и Херцеговина, истакнал министерот Николовски.

Министрите заклучиле дека Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храната и добиточната храна и фитосанитарноста на Западен Балкан е особено важен за напредокот на Иницијативата за отворен Балкан, преку зелените коридори на граничните премини, заемното признавање на сертификатите и заемното признавање на фитосанитарните сертификати.

Учество на мултилатералната средба имаа министерката за земјоделство и рурален развој на Албанија, Фрида Крифца и министерот за земјоделство и рурален развој на Косово, Фатон Пеци.