Бизнис
12. јуни 2017 - 19:17

Николовски и Жбогар на средба договорија соработка за развој на земјоделството

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски попладнево имаше работен состанок со амбасадорот на Европската Унија во Македонија Самуел Жбогар, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Николовски изразил задоволство од посетата, особено, како што стои во соопштението, поради тоа што Македонија има голема поддршка од ЕУ, што очекува да биде случај и во иднина, како на политички план за државата во целина, така и кога е во прашање македонското земјоделство.

- Ќе работиме за иднината на граѓаните и веруваме дека ќе имаме успех, секако со очекуваната поддршка од ваша страна, порачал Николовски.
     
Амбасадорот на ЕУ му го честиташе на Николовски изборот за министер за земјоделство во новата Влада на Република Македонија и изрази задоволство од видениот ентузијазам во државата, како и од оптимизмот кој, како што рече, е присутен во Брисел околу иднината на Македонија.
   
- Како што кажавте имаме голема соработка, која очекуваме да биде уште повеќе продлабочена во иднина. Тоа, секако е случај и во земјоделството каде што имаме многу проекти, за чија успешност ни е потребна соработка и поддршка од Министерството за земјоделство. Конкретно, за тековните проекти за консолидација на земјоделското земјиште и интегрираниот систем за административна контрола и идните планирани проекти: поддршка за земјоделски задруги и поддршка за реформите во водостопанството. Освен тековните, стоиме на располагање и за друг вид помош која што вам ќе ви биде потребна во претстојниот период, истакнал Жбогар.

Тој, исто така понудил во претстојниот период техничка помош за анализа на субвенциите и за реструктурирање на Министерството, а укажал и на потребата од преземање чекори за поголема искористеност на ИПАРД средствата.

Министерот Николовски се согласил дека искористеноста на ИПАРД фондовите е слаба, за што побарал и помош од ЕУ кога е во прашање надминувањето на овој проблем, што претставува еден од приоритетите на Владата.

- Покрај тоа, за развој на земјоделството планираме годишни субвенции од 160 милиони евра, а деновиве имав и директни средби со земјоделците и нивните здруженија, на кои се говореше за проблемите со кои се соочуваат. Ние сме свесни за тие проблеми и работиме на нивно системско решавање, информирал Николовски. 

На крајот од состанокот соговорниците се договориле за тесна соработка и редовни средби во иднина, од кои првата ќе биде веќе наредната недела, а на кои што ќе се дискутира за поединечни проекти и нивната успешна реализација.